Метрополитенската полиција покрена истрага по наводите дека хуманитарната организација на принцот Чарлс го прекршила Законот за чест и примала донации чија цел била да осигураат почести и државјанство за саудиски милијардер.
Одлуката следуваше по проценките на писма од септември во 2021 година и медиумски извештаи во кои се наведува дека на организацијата ѝ се дадени донации кои имаа за цел да осигураат почести и државјанство за еден саудиски милијардер, наведе полицијата, пренесува „Гардијан“.
Полицијата додаде дека е извесно оти ќе биде спроведена детална истрага, но и дека досега никој не е уапсен, ниту сослушан по повод обвиненијата.
Медиумите на Островот претходно објавија дека фондацијата на принцот Чарлс се наоѓа под истрага во моментот, бидејќи неговиот главен асистент, Мајкл Фосет (58) е обвинет дека на Махфуз Мареи Мубарак бин Махфуз му понудил титула витез во замена за хуманитарни донации.
И принцот Хари се сретнал со саудискиот милијардер во паб во Челси, во западен Лондон, откако Махфуз Мареи Мубарак бин Махфуз претходно донирал 50.000 фунти на неговата хуманитарната организација.

Меѓутоа, војводата од Сасекс неодамна ги прекинал врските со Саудиецот, бидејќи „бил длабоко загрижен поради неговите намери“.




