Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија(ПД), Љуљзим Баша, по потпишувањето договор за официјализирање на обединетата опозиција, најави проширување на коалицијата и со други партии, посочувајќи дека „она за што нема преговари е заминувањето на Еди Рама од Владата“.
-Ние никогаш нема да прифатиме лажен изборен процес што ќе произведе лажна Влада и лажен Парламент. Ќе се ангажираме следните избори да бидат слободни и демократски, каде што ќе биде изразена новата албанска волја. Ние сме посветени да се стави крај на уставната криза со функционирање на Уставниот суд и на обвинителството што ќе води истраги според единствен стандард, а не со двојни аршини, изјави Баша.
Првиот акт на оваа коалиција ќе биде подготовка на платформа за слободни и фер избори и темелни реформи на политичкиот систем.
-Она за што нема преговори, останува институционално политичко решение за отстранување на авторот на изборниот криминал Еди Рама. Заминувањето на Еди Рама и формирање преодна влада која ќе спроведе слободни и фер избори,посочи Баша.
Во опозициската коалиција, предводна од ПД, се и Републиканската партија, Демохристијанската, Движењето за социјалистичка интеграција, Партијата за заштита на човековите права (партија на грчкото малцинство), Партијата за единство и правда (партија на Чамите-протерани Албанци од областа Чамарија,Грција),Движење за легалитет и неколку помали партии.
Дел од лидерите на париите, по потпишувањето на документот за коалиција, порачаа дека се обврзале дека нема да учествуваат на лажни избори.
-Или слободни и фер избори, на кои ќе нема купување на гласови со пари од криминалот или нема никогаш избори во оваа земја,порачаа тие.




