Голем број жени со голи гради вчера излегоа на улиците на Буенос Аирес и во уште два аргентински града во знак на солидарност со жените кои неодамна дојдоа во судир со полицијата поради тоа што на една јужноатлантска плажа биле топлес.
Демонстрациите во аргентинската престолнина и во градовите Мар дел Плата и Росарио се поттикнати од инцидентот пред две недели во местото Некочео, 500 километри од Буенос Аирес.
Тогаш 20 полицајци на три жени им налоија да облечат горен дел од костим за капење или да ја напуштат плажата.
Ова беше капка што ја прели чашата од незадоволство што постои кај населението во Аргентина, кое живее во лоши економски услови и корупција.
– Тој мачо стил на размислување мора да запре. Ние сме сопственички на нашите тела и можеме да ги покажуваме доколку сакаме. Ние не сме стока, вели една од демонстрантките.
Минатата година во јули илјадници жени со голи гради излегоа на улиците низ цела држава, во знак на протест, откако една жена беше исфрлена од јавно место во близина на Буенос Аирес, бидејќи го доела детето.








