Вонредната состојба во Франција ќе трае се додека целосно не заврши глобалната војна против Исламската држава, најави францускиот премиер Мануел Валс.
Во интервју за Би Би Си на Светскиот економски форум во Давос рече дека бегалската криза во Европа предизвикала „сериозен ризик“, дека Франција е во војна, а тоа поразбира користење на сите демократски законски средства за заштита на францускиот народ.
На прашањето колку ќе трае вонредната состојба во земјата, Валс одговорил со – „колку што е неопходно“, истакнувајќи дека сепак „не може цело време да се живее во вонредна состојба“. Според него, вонредната состојба ќе биде на сила се додека не се ослободат од Исламската држава која треба да се искорени во Африка, на Блискиот исток и во Азија.
– Европа од друга страна не може да ги прифати сите бегалци кои бегаат од ужасите во Ирак и Сирија. Ако Европа не е способна да ги заштити сопствените граници самата идеја за Европа се доведува во прашање, истакнал Валс.




