Француските власти соопштија дека повеќе стотици исламски милитанти биле убиени во тринеделната воена интервенција во Мали. Тие загинале при воздушни напади врз конвоите со камиони со кои биле превезувани луѓе и воени материјали, но и во директните борби во неколку градови.

Франција најави дека до март годинава ќе ги повлече трупите од Мали, по воената офанзива врз припадниците на исламистичките движења, која се оценува како успешна.
Во моментов во Мали има 4 илјади француски војници.

Франција ќе почне да го намалува бројот на своите војници во Мали од март доколку се оди според планот, изјави шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус во интервју за весникот „Метро“.

Тој додаде дека Французите постепено ќе и го предаваат раководството на Африканската воена мисија, но француските трупи ќе продолжат да делуваат на северот на земјата каде се‘ уште има делови во кои се кријат терористи.

На североистокот на Мали, во областа Кидал, како зајакнување на француските трупи пристигнаа и 1.800 војници од Чад. Кидал досега важеше за упориште на вооружената исламистичка група Ансар Дина.

Француските трупи сега трагаат по лидерите на исламските радикали кои се засолниле во планините Ифогас, северно од Кидал, во близина на границата со Алжир.