Протестното движење што почна во средните училишта во парискиот регион прерасна во една од најголемите младински мобилизации во Франција во последните години. По неуспешните разговори со владата, ученичките и студентските организации повикаа на нов национален протест во вторник, 6 октомври, а кон нив се приклучуваат и синдикатите во образованието.
Франција влегува во нова недела на тензии откако протестите на средношколците, поддржани и од дел од студентите, се проширија низ земјата. Младите протестираат против недостигот од наставници, лошите услови во училиштата, преоптоварените распореди, притисокот врз менталното здравје и системот за упис на факултетите преку платформата Parcoursup.
Движењето започна во средината на септември во лицејот „Сент Егзипери“ во Кретеј, а на 1 октомври веќе беа погодени повеќе од 1.000 средни училишта. Следниот ден Министерството за образование регистрирало нарушување на наставата во околу 735 установи. Во протестите се вклучија и студенти од околу 30 универзитети, додека десетина универзитетски кампуси беа блокирани.
Дел од протестите прераснаа во сериозни судири. Беа запалени контејнери и делови од училишни објекти, а полицијата употребуваше солзавец и вршеше масовни приведувања. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека од почетокот на неделата биле приведени повеќе од 5.000 лица. Властите тврдат дека во протестите се вмешале насилни групи, додека ученички организации и синдикати обвинуваат за прекумерна полициска сила.
Министерот за образование Едуар Жефреј во петокот ги прими претставниците на учениците, студентите, родителите и наставниците. Тој најави план за побрзо заменување на отсутните наставници, разговор за училишните распореди и национална консултација со учениците. Но претставниците на младите оценија дека не добиле „конкретни мерки“ и најавија продолжување на протестите.
Следниот тест за владата на премиерот Себастијан Лекорни ќе биде вторник, 6 октомври. Шест синдикални организации во образованието веќе повикаа наставниците и другите вработени да им се придружат на учениците и студентите, вклучително и преку штрајк.
Така, протестот што започна како бунт против условите во училиштата сè повеќе се претвора во поширока социјална и политичка криза за француската влада.




