Непознати лица околу 4 часот утрово фрлиле рачна бомба во дворот на конзулатот на Русија што се наоѓа во северниот дел на Атина.
Според последните информации на кои што се повикува грчката новинска агенција АНА-МПА, рачната бомба експлодирала и е предизвикана материјална штета, пренесува МИА од Атина.
Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, а не е исклучена можноста зад нападот да стои некоја од грчките терористичко- анархистички организации.
-Ваквите незаконски постапки што се целосно за осуда нема да влијаат врз традиционалните и вековни одлични односи на пријателство и соработка со Русија, се наведува во соопштението на грчкото МНР со осуда на нападот.
Исто така се посочува дека надлежните власти работат на расчистување на случајот за сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.




