Фудбалската федерација на Македонија е казнета со 5.000 швајцарски франци од Светската фудбалска асоцијација (ФИФА). Забелешките се однесуваат, првенствено, на влегувањето на терен на неколкутемина гледачи по мечот со Италија на „Филип Втори“ во квалификациите за СП 2018.
Додека фудбалерите на двете репрезентации с` уште беа на терен, поединци го фатија „на спиење“ обезбедувањето и потрчаа кон Италијанците со намера да направат фотографија или да земат дел од нивната опрема за спомен. Најчеста цел беше Џанлуиџи Буфон кој остана без ракавици, дрес и шорцеви што ги подели по сопствена волја и кон соблекувалната се упати по гаќи.
Покрај изречената глоба, ФФМ доби предупредување за поостра казна при повторување на такви или слични случаи. Од светската Куќа на фудбалот замерки и за употреба на ласери и свирчиња кон актерите на теренот. Но, главната причина за санкционирање е влегувањето на гледачи на теренот.