Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Г.г. Стефан: Нашиот патрон, светиот Климент Охридски, советува да оставиме добар спомен на земјата, за да пристапиме добро кон небесата

0
By НОВА ТВ Balaban on December 7, 2021 ВЕСТИ, ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, December 7, 2021 13:54

Нашиот патрон, светиот Климент Охридски, преку чие учество во Божјата благодат и преку чие молитвено сеќавање и застапништвото за нас ние постоиме како Црква и како народ, советува да оставиме добар спомен на земјата, за да пристапиме добро кон небесата. Црковно-народното чествување на светиот Климент Охридски, патронот на мајката Македонска pравославна cрква, и годинава, веќе по традиција, со сношната Празнична вечерна и со духовната академија во Богословијата започна, за, еве, денес да продолжи на Богословскиот факултет, со научен симпозиум, чијашто средишна тема овојпат е христијанското учење за сеќавањето, за помнењето, за споменот.

Ова денеска го истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на отворањето на петтиот Светиклиментов научен собир на тема „Сеќавање (па́мѧть)“, што се одржува онлајн во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

– Тој наш црковен и народен великан, вам ‒ на учесниците на собирот, нека ви биде поткрепа при излагањата и при дискусиите. Впрочем, гледајќи ги имињата на учесниците на академскиов собир и читајќи ги насловите на приложените теми, сигурен сум дека симпозиумов ќе биде не само настан за паметење во нашата богословска наука, туку и дека ќе биде ден што ќе послужи имињата на неговите еминентни учесници да бидат уште посилно спомнати од Господа во Неговото Царство. И самото објаснување, коешто ја придружува поканата за собиров, ја истакнува неусогласеноста меѓу христијанското и секуларното разбирање на сеќавањето, неусогласеност што е последица на различното сфаќање на тоа кому му е упатена прозбата, односно, кој е оној што се сеќава на човекот, рече г.г. Стефан.

Таа разлика, потенцира архиепископиот охридски и македонски, е последица на тоа што човекот на постхристијанското општество ја заслабнал својата заедница со Бога.

– Престанувајќи горе да ги има срцата – да ги има кон Господа, тој го загубил дарот за божественото. Затоа неретко, дури и верните, знаат прозбата за „вечно сеќавање“ („вечнаѧ па́мѧть“) погрешно да ја толкуваат само како молба за вечен спомен на упокоениот овде, на земјата, верување кое е далеку од правилното христијанско разбирање и учење. Посакувајќи нечиј спомен да биде вечен на овој свет, чијшто лик е минлив, таквите посакуваат ништовно ‒ овоземно и минливо сеќавање. Оттаму е и трагичноста на секуларната крилатица: „Додека луѓето се сеќаваат на покојникот – тој живее!“, зашто, не човекот, тој земјен прав кој во земјата повторно ќе се врати, туку Бог, преку Кого живееме, се движиме и постоиме, е Оној што се сеќава на нас. Следствено, таа молба не е за нечие продолжено постоење во човечката меморија, туку е израз на нашата увереност дека оние коишто во Христа се облекле, ќе останат облечени во Него и тогаш кога ќе им се соблече земното тело, истакна г.г. Стефан.

Инаку, потенцира архиепископот охридски и македонски, правилно сфаќање на христијанското учење за сеќавањето е можно само во христоцентричен и во евхаристоцентричен светоглед. Посочи дека на литургијата се сеќаваме не само на времиња и настани минати, туку и на идните, конечни настани.

– Ова е највидливо на евхаристиската анамнеза, кога, спомнувајќи си за сè што стана заради нас: Крстот, гробот, тридневното Воскресение, вознесението на небесата, седењето оддесно…, ние не се сеќаваме само на минатото, туку си спомнуваме уште и за второто и славно доаѓање. И токму ова литургиско сеќавање на есхатонот е предуслов за нашето земање удел во него, зашто Господ Христос ни вели: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. Во таа смисла е и молењето во евхаристискиот дел од Василиевата литургија: дај ни, дури до последното наше издивнување, достојно да примаме дел од Твоите светињи, за попатнина кон вечниот живот. Ете, затоа човекот е должен да се облече во Господа, за да би можел да учествува во Неговата вечна радост, не заборавајќи дека дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ, како што апостолот им објаснува на Римјаните, рече г.г. Стефан.

Единствено во Црквата, нагласи архиепископот, човекот се учи на средствата преку кои се постигнува духовно совршенство, зашто Црквата е столб и тврдина на вистината и единствено преку неа, преку Црквата, човекот расте со Христа и во Христа, и се соединува со Бога за сета вечност.

– Значи, христијанското сеќавање не е мисловно и сентиментално оприсутнување на минатото, туку е излегување надвор од просторно-временските граници и премин е во Божјото Царство каде Бог е сè во сè, а каде ние, бивајќи во Бога, сме во вистинско сеќавање на сите и на сè. Принесувајќи најобичен принос – лебот и виното, и сведочејќи го нивното станување Тело и Крв Христови, се присетуваме дека и ние, најобични среде луѓето, можеме да се принесеме на Бога и да станеме Негови причесници. Дотолку повеќе, увидуваме и дека, всушност, не можеме да се задоволиме со тоа да останеме најобични среде луѓето, зашто како што земните дарови се издвоени за да му се принесат на Бога, така и ние, благодарствено возвраќајќи му го на Бога Неговиот дар, треба да се издвоиме и да се осветиме, та самите себе, еден друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме, додаде г.г. Стефан.

Деканот на Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“ во Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски рече дека повод за одржувањето на петтиот Светиклиментов научен собир е одбележувањето на денот на Свети Климент Охридски, патронот на Православниот богословски факултет, но и на целата Македонска православна црква.

– Ова е единствениот настан со кој факултетот го одбележува својот патрон Свети Климент Охридски, нашиот втемелувач на писменоста, литературата, јазикот, духовноста. Нашиот Богословски факултет е наследник на славниот Светиклиментов универзитет, додаде проф. д-р Ѓорѓевски.

г.г. Стефан светиот Климент Охридски
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 16, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

ВЕСТИ August 16, 2026

Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора исклучиво под команда на Иран, изјави заменик-шефот на…

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026

Поглед од морето кон Омиш во пламен – спасувачите објавиja морничава снимка

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.