Над 2000 учесници во 41 групна маска во различни  категории, синоќа дефилираа со маски на улиците на Струмица. Оваа година на традиционалниот карневал имаше учесници од Аруба, Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија. Проценките се дека имало и околу 50.000 посетители, домашни и од регионот.

На карневалот присуствуваше и премиерот Зоран Заев, кој додека беше градоначалник беше дел од маскираните поворки.

Кралската свита, во која беа принцот и принцезата Натка и Орце Спасови, придружувани од Струмичките мажоретки и Блек оркестарот на Струмица, кои со неформалната химна на градот „Под кулите на Струмица“, го значија почетокот на уште еден голем струмички карневал.

Пред да стасат карневалите пред главната точка за презентација на нивните карневалски креации, група од Германија приреди огнено шоу, потсетувајќи на некогашните времиња на голтање оган и поминување со пламени јазици по телото.

Нивните креации ги оценуваше жири комисија, која треба до донесе одлука кому ќе му припаднат паричните награди во повеќе категории.

По завршувањето на Интернационалната карневалска вечер забавата продолжи на Плоштадот „Гоце Делчев“ со „Ноќ на Аруба“, на која настапија членовите на карневалската група од овој холандски остров, кои ги забавуваа посетителите до доцна во ноќта

Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат и денеска.