Германија одлучи денес привремено да воведе контроли на границата со Австрија од каде што доаѓаат десетици илјади бегалци.
Ова попладнево го потврди германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер. Тој рече дека Германија не сака бегалците да ги избираат самите земјата во која ќе бараат азил.
Барателите на азил треба да разберат дека “не можат да ја бираат земјата во која бараат заштита”, рече министерот.
Според европските правила барањата за азил треба да се поднесат во првата земја на ЕУ во која бегалецот влегува. Министерот рече ова правило треба да продолжи да функционира иако Германија пред неколку дена одлучи да го суспендира ова правило да им помогне на Грција и Италија, двете земји во кои пристигнуваат илјадници бегалци секој ден.
Со денешната одлука за привремено воведување на контроли на границата со Австрија, Берлин го суспендира договорот од Шенген за слободно движење во Европа, објавија денес германските весници Билд и Шпигел.
Градот Минхен денес иформираше дека во текот на две недели во градот дошле 63.000 бегалци. Од овој број 13.000 влегле во градот вчера.




