Босна и Херцеговина ништо не направи во изминатиот период за да се приближи на Европската Унија, е сè погласната порака од Брисел, дознава Н1 од дипломатски извори, и покрај иницијативата на Словенија која ја поддржаа Хрватска, Унгарија и Полска. Против доделување на статус на кандидат за БиХ се Германија, Франција и Холандија.

Претпладнево во Брисел почна дводневниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан во чиј фокус е доделување на кандидатски статус на Украина, на Молдавија и на Грузија, како и плановите за создавање на Европска политичка заедница.

Како што пренесува Н1, и покрај словенечката иницијатива за доделување на кандидатски статус за БиХ без одложување, со реализација на Договорот од Брисел, тоа веројатно нема да се случи, иако се присутни и оние кои забележуваат дека и Украина добива статус на кандидат без никакви услови.

Од дипломатски кругови, Н1 дознава дека некои од „големите“ членки на ЕУ се генерално против проширувањето.

Токму од дипломатски кругови во изминатите денови се појавија информациите дека БиХ би можела да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ доколку би ги усвоиле прописите од бриселскиот договор, а се однесуваат на измени во Законот за ВСТВ, Законот за јавни набавки, Законот за судови и Законот за конфликт на интереси.

Но, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји неодамна порача дека ќе нема ублажување на условите за БиХ за да добие статус на кандидат и дека ќе мора да се исполнат сите 14 приоритети за членство во Унијата.