Германија утре избира нов сојузен претседател. Најголема поддршка од сите пет кандидати има Франк-Валтер Штајнмајер, доскорешен министер за надворешни работи и еден од најомилените германски политичари.
По првиот круг гласање, кој трае околу два часа, се пребројуваат гласовите. Доколку еден од кандидатите освои најмалку 631 глас, изборот завршува.
Покрај Штајнмајер, кандидирани се и келнскиот политиколог Кристоф Бутервеге од Левицата, деснопопулистичката АФД го кандидира заменикот партиски лидер Албрехт Глазер, Слободните избирачи го номинираат судијата Александер Холд, додека Пиратите во трка го пуштаат Енгелберт Зонеборн, човек сосема непознат за јавноста, инаку татко на европратеникот и сатиричар Мартин Зонеборн.
Мандатот на актуелниот Сојузен претседател, Јоахим Гаук, завршува на 17 март. Гаук не сакаше уште една кандидатура.