Германскиот Бундестаг започна со советување за законски измени со кои вакцините против мали сипаници за деца од предучилишна и од училишна возраст ќе бидат обврска, јавуваат германските медиуми.
„Мојата желба е ниту едно дете да не заболи од мали сипаници и никој да не умира од последиците од оваа болест“, рече државниот секретар во Министерството за здравство, Томас Гебард и додаде дека 95 проценти од граѓаните треба да бидат имуни на мали сипаници.
Законските измени предвидуваат дека од март следната година, при запишување на децата во училишта и во градинки, родителите мора да достават доказ дека детето е вакцинирано против мали сипаници. За непочитување на обврската е предвидена казна од 2.500 евра. Единствена парламентарна партија која не поддржува воведување обврска за вакцинација е „Алтернатива за Германија“ (АФД).