Хорст Ешлер, 82-годишен Германец од Минстер донираше еден милион евра на организацијата „Актион Лихтблик“, која во моментот им помага на жртвите од поплавите во Германија.
Покрај тоа, Ешлер го повика и својот омилен фудбалски клуб Баерн Минхен да им даде повеќе пари на жртвите. Досега тимот, заедно со колегите од Келн и гигантот „Дојче Телеком“, даруваше 100.000 евра за жртвите преку организацијата.
– Не бидете воздржани. Знам дека не сте такви и давате многу пари во добротворни цели. Но, во сегашната ситуација, мора да „копнете подлабоко во џебот, инсистира тој.
Бројот загинати од разорните поплави во Германија надмина 141 лица.
Пензионерот Ешлер е познат по својата дарежливост. Во април годинава тој ѝ донира 750.000 евра на Зоолошката градина во Минстер и купи карти за влез во ЗОО за 33.333 деца. Овие донации ги дал заради ветувањето што ѝ го дал на својата покојна сопруга дека ќе се грижи за деца и за животни.
Во меѓувреме, „Баерн“ го прифати предизвикот и ја зголеми донацијата за поплавените на 1,1 милиони евра. Се подготвува и хуманитарен натпревар со Шалке 04 на „Фелтинс арена“ во Гелзенкирхен.