„Имаме многу трансродови лица кои во класичните тоалети се чувствуваат загрозено бидејќи се нападнати поради различноста. Живееме во 21. век и сакаме таквите лица да се чувствуваат сигурни, а ова е најмалку што можеме да го направиме“, изјави за порталот Сиол деканката на тој факултет Моника Калин Голоб.
„Ако сакаме да бидеме инклузивни и прогресивни, тогаш мораме на што поголем број луѓе да им овозможиме да се чувствуваат удобно и ова е чекор напред во таа насока“, вели за словенечките медиуми Нина Пејич, директорка на Институтот за изучување на еднаквоста на половите.
Сосема поинакво мислење за унисекс тоалетите имаат конзервативните портали и здруженија.
Така уредниците на порталот Домовина прашуваат дали отстранувањето на писоарите во елитна образовна установа, во која студирале многу словенечки политичари, не е своевидна „симболична кастрација“ на машкиот род и знак на имитација на помодните трендови во странство.
Освен тоа, искуствата од странство веќе укажуваат на тоа дека воведувањето на бесполови тоалети, гардероби и тушеви предизвикува низа проблеми поврзани со правото на приватност, пишува конзервативниот портал.
„Но, не треба да се заборави дека не станува збор за тоалети, туку за идеологија која сѐ поагресивно навлегува во нашето општество, индоктринација во образованието и изнудувањето права за ЛГБТ здруженијата и движењата. Агресивното малцинство ги наметнува своите погледи и начинот на живот на целото општество и сака да го стиши секој кој предупредува на замките и апсурдите на идеологијата која кај нас агресивно се шири“, наведува порталот Домовина.




