Малите нешта за некого се големи. Оваа филозофија го водеше белгискиот игумен Едвард Фруадир, роден во 1899 година и покосен од автомобил пред неговата куќа во Брисел во 1971 година. До ден денес не се знае кој седел во автомобилот под која игуменот го загуби животот.

Игуменот Едвард Фруадир

Но, делото на игуменот и денес живее. Тој е основач, во 1937 година, на социјалното претпријатие “Мали нешта” што и денес им помага на луѓето во неволја, луѓето што од разни причини го загубиле животниот компас.

Во Белгија не постои човек што не ги познава “Малите нешта”. Кога сакате да го ослободите својот плакар од јакната што повеќе не е на мода, прво ви текнува на “Малите нешта”. Нивните контејнери ги има речиси на секој чекор низ Белгија и таму можете да ја оставите гардеробата што повеќе не сакате да ја носите.

Преку “Малите нешта” таа добива нов живот.

Социјална фирма

НОВА разговараше во Одил Даје, задолжена за комуникација во “Малите нешта”, социјална фирма која денес вработува стотици лица. Од нив голем дел се токму корисниците на помошта, луѓе што од повеќе причини загубиле работа, стан, семејство, лица што загубиле автономија поради несреќа… Наместо да завршат на улица како просјаци, засолниште наоѓаат кај “Малите нешта”.

Контејнерите за текстил

“Малите нешта” се социјална фирма а тоа значи дека нивната заработка е посветена на хуманитарни и социјални акции. Едно приватно претпријатие ја дели заработката помеѓу акционерите, а во социјална фирма заработените пари се трошат, со нивно вработување, на луѓето што сакаат да се вратат во општественото живеење и работа, луѓето со пречки во развојот, на млади лица што ги загубиле реперите во животот.

Годишно “Малите нешта” им помагаат на 1.500 лица со сума од 5,5 милиони евра.

“Малите нешта” добиваат приватни донации во висина од 600.000 евра годишно, дотација од државата од околу 2 милиони евра годишно а граѓаните им донираат околу 7 тони облека и други предмети, како бела техника, книги, игри за деца, мебел… што потоа ги продаваат во нивните дуќани низ целата земја.

“Околу 15 отсто од оваа облека е со добар квалитет и може да се продаде во Белгија. Во нашите дуќани можете да најдете јакна на Диор, која како нова може да чини и 500 евра а кај нас ќе ја најдете за 50. Но има и пантолони и здолништа за 2 евра или јакни за 5 евра”, вели Даје.

Околу 50 отсто од собраната облека која е со добар квалитет оди во странство, во Пакистан, Конго, Турција…. Потоа таа се продава на пазарите во овие земји од приватни лица или мали фирми.

Делот од облеката што не може да се носи оди на рециклирање во фирми што се занимаваат со оваа активност а останатите 12 отсто одат во смет.

30 атрактивни продавници за облека

Фирмата е рентабилна пред се со продажбата на оние 15 отсто квалитетна “втора рака” што може да се продаде во Белгија.

“Тој дел од собраните предмети што ние го крстивме “крем”. Би било убави овој процент да се зголеми, но тоа е практично невозможно”, објаснува нашата соговорничка.

“Од една страна, добивката од собирањето и продажбата на предмети од втора рака ни дозволуваат да финансираме голем дел од нашата социјална акција. Од друга страна, овие економски активности отвораат работни места за лица со ниски квалификации и, истовремено, служат за професионална интеграција за послабите”, вели таа.

Нивните 30 продавници денес се наоѓаат на главните трговски улици и личат на било кој моден бутик во кој облеката е атрактивно презентирана. Ако не знаете дека влегувате во дуќан од “втора рака”, разгледувањето на изложената облека тоа нема да ви го открие.

 

Со оваа продажба во Белгија социјалната фирма заработува нето 1,5 милион евра. Кога на ова ќе се додаде државната дотација од 2 милиони евра и 600.000 евра приватни дотации, “Малите нешта” имаат доволно за финансирање на социјалните активности.

Така на пример, целта на нивните продавници е да бидат рентабилни и да придонесат за социјалната акција. Лицето што го води дуќанот има обврска да обучи други лица како се станува добар трговец:

“Во екипата на дуќанот има лица што никогаш не работеле и учат како се работи на каса на пример. Со тоа има даваме искуство и вредност што потоа можат да ја употребат кога ќе бараат работа во други фирми а им треба искуство на денешниот пазар на работна рака. Накусо, луѓето што доаѓаат кај нас, всушност ја користат сопствената работна сила за да се надокнади недоволната рентабилност на нивната работа. Тоа го воведе игуменот Фруадир и ние денес ја продолжуваме оваа активност”, вели Даје.

Ателје за обука

Ние не сме итна помош

И додава дека нивната работа не е “итната помош”:

“Лицата што ќе тропнат кај нас можат да останат една ноќ. Но утредента имаат разговор со социјален работник кој треба да види дали тоа лице има желба да излезе од магичниот круг на сиромаштијата, дали сака да следи часови на холандски или француски, часови по механика, продажба или било која активност што може кај нас да се научи, дали е расположено заедно со социјалниот работник да учи како се менаџира личниот буџет итн. За жал, има многу што одбиваат ваква помош и си заминуваат.”

Една од кујните на “Малите нешта”

Освен продавниците, “Малите нешта” им помагаат и на луѓето со ментални болести, наркомани или алкохоличари во центарот отворен за таа цел. Фирмата вработува и лица кои се осудени а казната им е заменета со работа од општ интерес.

Проблемот на живеалиштето е една од најтешките страни на сиромаштијата.

“И токму тој проблем ги тера лицата да дојдат кај нас и да бараат помош. Ние денес имаме 2 приемни куќи за бездомните лица, двете во Брисел. Првата, најголема во Белгија, може да прими 120 лица. Втората го носи името @Home18-24 и се однесува пред се на младите од 18 до 24 години”, објаснува Даје.

@Home18-24

“Малите нешта” имаат решение и за трајна интеграција на лицата што бараат помош. Фирмата има 4 куќи за оваа цел а секоја може да прими 4 лица. Посетите на социјалните работници се редовни и ја оддржуваат динамиката во групата како и одржување на просторот за живеење.

Исхраната е вториот проблем што социјалната фирма се обидува да го редуцира.

“Секој ден ние одиме во прехрамбената банка на Брисел по храна, еднаш во неделата одиме на пазарот на големо за свежи овошје и зеленчук и во многу лебари и кафетерии добиваме дел од непродадените продукти како леб, десерти или сендвичи кои се служат во социјалните ресторани и оброци за двете приемни куќи.

Социјален ресторан

“Со помош на штитениците, нашите готвачи подготвуваат три дневни оброци секој ден во годината а тоа значи 270 до 300 оброци на ден”, вели извештајот.

До пред неколку години “Малите нешта” организираа модно дефиле. Познати манекени дефилираа со моделите на познати креатори изработени од парчиња облека од втора рака. Публиката беше со длабок џеб па моделите лесно се продаваа.

Модната ревија имаше задача и даде атрактивност на облеката од втора рака и да го смени менталитетот на граѓаните. Мисијата очигледно беше успешна и денес во Белгија ретки се тие што одбиваат да носат облека носена од некој непознат. Но, по 12 години фирмата одлучи да и стави крај на модната ревија која, според зборовите на Одил Даје, не била рентабилна.

Социјална кафетерија

“Малите нешта” не се борат против системот

“Малите нешта” сосема наликуваат на приватна фирма. На нејзино чело стои Административен совет составен од десетина директори и сопственици на големи и богати фирми и банки.

“Но тие тоа го прават без да бидат платени и понекогаш се и наши донатори”, вели Даје.

И објаснува дека историскиот избор на “Малите нешта” е асоцирање со приватниот бизнис:

“Ние не сме милитантна организација што се бори против системот. Многу луѓе не разбираат и велат дека ние, како социјална фирма, мораме да се бориме против системот. Не, ние сме дел од системот и нашата цел е да го трансформираме системот од внатре. На пример, директорите од приватниот бизнис ни помагаат со нивното менаџерско искуство. Партнери сме исто така со големи трговски фирми кои за нас собираат непродадени артикли секоја година. На тој начин и ние имаме квалитетна роба.”

Историскиот избор бил избор на игуменот основач. На почетокот на 50те години од минатиот век, наместо да праќа писма со барање за донација, игуменот одлучил да им покаже на терен на политичарите како е да се живее во сиромаштија. И побарал прием кај кралот Бодуен, кој беше верник, и го однел на теренот каде што игуменот работел. Оваа посета оставила огромен впечаток кај младиот крал. Еден новинар раскажува дека кралот еден ден ги викнал новинарите да им го раскаже ова искуство и да побара од нив да го свртат вниманието на јавноста кон овие маргинализирани граѓани.

Денес, по 80 години постоење, “Малите нешта” се неразделен дел од белгискиот социјален пејсаж. Сиромаштијата не е искоренета и, за жал, има уште многу работа на ова поле насекаде во светот.