Случајот со гинекологот кој и дал забранети вагиналети на трудница во осмиот месец во бременоста, се уште не е пријавен во полиција, потврдија за НОВА од МВР. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инпекторат се огради од случајот со образложение дека не е овластена да дава изјави за тоа.

Сепак, потврди дека е формиран стручен надзор кој ќе го испита целиот случај и најверојатно ќе се покрене кривична одговорност за гинекологот.

„Стручниот надзор ќе ги следи сите постапки. Најверојатно, ќе има кривична пријава  против гинекологот. За случајот ќе бидете известени од Министерството за здравство, не сум овластена да презентирам за ова“, одговори на прашање на НОВА, Ирина Букова Сотирова.

Млада трудница пред две недели била донесена на Клиниката за гинекологија откако матичниот гинеколог и дал вагиналети за да го умртви бебето кое било во осмиот месец на бременоста. Бебето веднаш починало, а лекарите одвај успеале да го спасат животот на трудницата која многу крварела. Станува збор за 19 годишна девојка на која матичниот гинеколог и дал пет вагиналети кои не биле регистрирани за употреба во државата.

„Екипата вложи надчовечки напори за да ја спаси трудницата, постоеше опасност и таа почине. Бебето почина веднаш“, изјави тогаш за НОВА Викторија Јовановска директорка на Клиниката за гинекологија.

Таа тврди дека знаат за кој гинеколог станува збор и дека случајот го пријавилe во Министерството за здравство и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Но, ниту ДСЗИ, ниту Клиниката за гинекологија досега случајот не го пријавиле во МВР.