Сакам да ја посетам Македонија и да се сретнам со моите поддржувачи во оваа земја. За жал, згуснатиот распоред на светските турнири ме оневозможува во тоа. Но, сигурно ќе дојдам наскоро, а можно е тоа да го сториме со репрезентацијата на Србија, зошто да не?

Ова е пораката што синоќа од Шарлроа, Белгија, ја испрати најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ.

– Следам на социјалните мрежи дека имам голем број на поддржувачи од Македонија, за што неизмерно им благодарам, гласи одговорот на српската ѕвезда на прашањето дали знае дека е ултрапопуларен и во нашата земја.

А, запрашан дали познава некого од активните македонски тенисери, Ноле крева раменици:

– За жал, во моментов не знам кои се македонски тенисери – искрен е Ѓоковиќ. “Ги знаеме Шевченко и Китинов! Тоа беа извонредни тенисери со кои јас имам играно”, дофрла селекторот на српската репрезентација Богдан Обрадовиќ, кој присуствуваше заедно со својата ѕвезда на синоќешната прес-конференција.

Тогаш за момент се натажи ликот на најдобриот тенисер на денешницата, иако атмосферата беше весела во собата за новинарите во спортскиот центар “Спиридом” во Шарлроа.

– Затоа го знам и најповеќе го ценам Тоше Проески!, отсече Ѓоковиќ, со што стана јасно зошто ведриот и насмеан лик одеднаш го загуби сјајот. – Тоа што Тоше го направи е историско. Тој е легенда, која за жал не е повеќе меѓу нас, но неговите песни траат, неговата музика масовно се слуша. Тоше е фантастичен – отвори душа светскиот рекет број еден со што измами воздишки кај присутните новинари од Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

Пред крајот на прес-конференцијата, популарниот Ноле посака да испрати порака до Македонија. – На македонскиот народ му посакувам се најдобро и се надевам дека ќе се видиме, да се дружиме и да ја запееме „Зајди, зајди”!, се обврза Ѓоковиќ на средба со македонските фанови, а и дека ќе ги удостои со македонска песна, што неретко го прави при прославите на своите победи.