На Косово утрово започна гласањето на вонредните парламентрни избори. Во трката за мандат во законодавниот дом учествуваат 25 политички субјекти, од кои 20 политички партии, четири коалиции и еден независен кандидат. Процесот се одвива во 895 гласачки центри со 2.547 гласачки места што ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.
Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави Централната изборна комисија (ЦИК), имаат 1.937.868 граѓани, што е за околу 65 илјади повеќе во споредба со локалните избори од 22 октомври во 2017 година.
За следење на изборната кампања и на процесот на гласање се акредитирани околу 33.000 набљудувачи. Во оваа бројка влегуваат и претставници од редовите на самите учесници на изборниот процес во гласачките комисии, претставници на невладините организации, меѓународни специјализирани организации кои се занимаваат со избори и човекови права и слободи, итн.
Прва своето гласачко право го искористи претседателката на ЦИК, Ваљдете Дака, која гласаше во 7.00 часот во Приштина. Таа ги повика граѓаните да ја извршат својата обврска, а од партиите побара да придонесат за испраќање на позитивна слика за Косово во светот.
Денешните, седми, парламентарни избори во Косово се одржуваат по оставката на премиерот Рамуш Харадинај во јули оваа година по што се самораспушти и Собранието.