Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ е повторно вратен во имиграциски притвор во Мелбурн каде ќе ја помине вечерта до конечната одлука за депортација или дозвола да игра на Австралија опен.

Ѓоковиќ околу 15.30 по локално време со автомобил стигнал во подземната гаража во хотел Парк во истиот имиграциски хотел каде беше минатата недела.

Тој нема да биде депортиран од Мелбурн додека не се заврши жалбата за укинување на визата и оти случајот сега е префрлен на Сојузниот суд на Австралија.

Како што прецизираше судијата вчера на рочиштето, Ѓоковиќ ќе разговара со имиграциските власти, а дотогаш нема да биде во миграциски притвор. По сослушувањето Ѓоковиќ ќе биде одведен во миграциски притвор, до новото сослушување кое е закажано за недела.

Конечната одлука ќе биде позната во недела, 24 часа пред почетокот на Гренд слем турнирот во Мелбурн.

Ова е втор пат Ѓоковиќ да биде во притвор откако судијата Кели во понеделникот, четири ноќи откако Ѓоковиќ помина во имиграциониот притвор, одлучи да го ослободи со образложение дека одлуката за укинувањето на визата на Ѓоковиќ била неразумна.

Сепак, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук одлучи да го искористи своето дискреционо право и сепак да ја укине визата на српскиот тенисер, бидејќи, неговото присуство би можело да поттикне противење на вакцинацијата против ковид-19.

Ѓоковиќ во Австралија сака да ја освои својата 21-ва грен слем титула и со тоа да постави нов светски рекорд.