Турција се соочува со голем сајбер- напад што делумно ја блокира работата на банките и предизвика сомнежи дека можеби се работи за политички мотивиран напад организиран од странство.
Според турската невладина организација Nic.tr, која управува со адресите на веб страниците што го користат домеинот “tr”, како министерства, војската, комерцијални компании и банки, нападите се организирани надвор од територијата на Турција.
Турскиот министер за сообраќај и телекомуникации Бинали Јулдирим изјави дека се работи за „сериозни“ напади и побара помош во обезбедување на податоците од еден универзитет од Анкара.
Според локалните медиуми, хакерската група Анонимуси ја презела одговорноста за нападите врз турските сервери, и дека наводно оставила порака дека ќе продолжи поради „поддршката на Исламската држава и купувањето на нејзината нафта“.
Медиумите исто така шпекулираат дека нападите наводно доаѓаат од Русија, повикувајќи се на нарушените билатерални односи меѓу двете држави по соборувањето на рускиот борбен авион.




