Доналд Трамп го одржа својот прв говор пред членовите на двата дома од американскиот Конгрес а во кој, како што пишуваат странските медиуми, ја промени досегашната реторика. Трамп најави подобри времиња за граѓаните на САД.
– Во моментов, американските компании плаќаат еден од највисоките даноци. Мојот економски тим развива даночна реформа која ќе ја смени стапката на данокот на нашите компании така што конкуренцијата ќе биде здрава за сите. За средната класа ќе обезбедиме олеснување на даноците, рече Трамп во својот говор.
Пред конгресмените најави дека од нив ќе побара околу милијарда долари за инфраструктурни проекти за создавање на нови работни места, градење на патишта, железници и слични други проекти.
Во однос на долгонајавуваниот ѕид со Мексико, Трамп го повтори својот став дека така ќе ја зајакнел безбедноста на Америка.
– Ќе ја зголемиме заработувачката, ќе заштедиме милијарди долари и ќе ја зајакнеме безбедноста. Мораме да го обновиме интегритетот на нашите граници. Затоа на јужната граница ќе започнеме да градиме ѕид наскоро, порача Трамп.
Претседателот на САД од Конгресот побара да го укинат проектот „Обамакер“ и да ги прифатат измените за здравственото осигурување.
– Тоа е неопходно. Ги повикувам сите демократи и републиканци да работат со нас да ги спасиме Американците од катастрофата наречена „Обамакер“, потенцираше Доналд Трамп.
Тој повтори дека ќе го поддржи НАТО, но дека Алијансата мора да си ги подмирува своите финансиски обврски.
Доналд Трамп пред конгресмените ја повтори и својата желба за тотално уништување на ИСИС.
Анкетите на Си-Ен-Ен, и на останатите големи медиуми, покажуваат дека реакциите по сменетиот тон во говорите на Трамп се претежно позитивни.