Град Скопје ќе формира Агенција за приватно обезбедување чии вработени ќе имаат задача да обезбедуват 30-тина објекти под надлежност на Градот, меѓу кои 23 се средни училишта и неколку културни институции. Идејата е на градоначалничката Данела Арсовска и ќе биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Советот на Град Скопје што е закажана во понеделник (25 јули).

Според предлогот, Друштвото со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ) за обезбедување на објекти треба да се формира со основачки влог од 5.000 евра, средства што ќе бидат обезбедени од буџетот на Град Скопје.

„Трговското друштво ќе врши приватно обезбедување на средните училишта и на културните институции под надлежност на Град Скопје. На овој начин, со централизирано уредување, ќе се постигне поголема ефикасност во обезбедување на објектите и на безбедноста на учениците и на вработените. Целта за основање на Друштвото за приватно обезбедување е да се подигнат стандардите и квалитетот на вршење на работата на обезбедување на имотот на Град Скопје“, се наведува во образложението во предлог-одлуката.

Град Скопје и досега ангажираше приватно обезбедување за училиштата. За ставката „обезбедување“ од Буџетот биле издвојувани по 12 милиони денари годишно во последните две години.