Грчкиот парламент ноќеска ги усвои првите реформи кои ги бараат кредиторите за да можат да и испратат нов пакет за помош на земјата.
Реформите беа изгласани со голема помош на опозицијата. Мерките се однесуваат на зголемување на ДДВ, мерки за пензиите и усвојување на буџетски правила.
Законите беа усвоени со 229 гласа а 64 пратеници гласаа против. Имаше шест воздржани.
Во гласањето Сириза доби поддршка од суверенистичката десна партија Анел но во редовите на Сириза имаше многу гласови против. Така, 39 пратеници не го следеа премиерот Ципрас кој бараше усвојување на реформите. Помеѓу нив беа поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис и претседателката на Парламентот Зое Константинопулу.
На ова гласање Ципрас го загуби своето мнозинство иако засега тоа не ја турна неговата влада.
Варуфакис не зеде збор за време на парламенатарната дебата но на својот блог овој договор со кредиторите тој го нарече «нов Версајски договор». Со црвени букви тој испрати порака до сите кои го читаат неговиот блог: «Читајте и плачете!».
Се чини дека премиерот Ципрас сепак ќе успее да ја спаси владата од пад и покрај тоа што многу пратеници од владеачката коалиција не го поддржаа премиерот. Според една анкета објавена завчера, 68 отсто од Грците и понатаму и даваат поддршка на Владата.
На дебатата синоќа Ципрас рече дека овој договор за прв пат ќе ги натера Европјаните да разговараат за намалување на грчкиот долг кој изнесува 180 проценти од бруто домашниот производ.
Синоќешната дебата во Парламентот се одржуваше додека надвор, на плоштадот Синтагма, се одвиваше протест кој се судри со полицијата.




