По три недели, банките во Грција денеска повторно се отворени, но ограничувањата за подигнувања на готовина останаа непроменети, со тоа што сега е воведен неделен лимит од 420 евра, наместо дневниот од 60 евра.
Првиот ден од работењето на банките, донесе и нови стапки на данок, па така ДДВ-то е зголемено од 13 на 23 отсто за некои работи, со што практично започнуваат и мерките на штедење.
ДДВ-то од 13 отсто е непроменето за хотелите, додека за лекови, книги и влезници на културни настани е намален на шест отсто.
Владата на Ципрас, планира со измените на даночните стапки да донесе годишен приход од 2,4 милијарди евра.
Грчките банки беа затворени на 29 јуни, а Грците од денеска ќе можат повторно да ги користат своите кредитни картички во странство.
Грците не смеат да префрлаат пари во странство, ниту да изнесат од државата поголема количина на пари во готово.




