Грција излегува на избори на 25 јануари. Одлуката е донесена откако грчкиот Парламент не успеа, по трет пат, да избере претседател на државата.
По неуспехот на Ставрос Димас, поранешен европски комесар, да дојде на претседателското место Парламентот треба да биде распуштен во рок од десет дека. Премиерот Антонис Самара изјави дека ќе побара од сегашниот претседател Каролос Папуљас да ги распише изборите на 25 јануари. Според Самарас, ова ќе бидат “најодлучувачките избори во последните децении”.
Берзата на Грција веднаш падна за 11 отсто уплашена од евентуалното доаѓање на власт на левата партија Сириза.
Лидерот на оваа партија Алексис Ципрас рече дека со овие избори народот ќе ја покаже “својата волја да им се стави крај на политиките на штедење”. Според Ципрас, “иднината е веќе започната”.
Дора Бакојанис од Нова Демократија на Самарас оцени дека “опозицијата со сила предизвика избори во најлошиот момент за економијата на земјата”.
Да потсетиме дека Грција беше европската земја која беше најпогодена од должничката криза. Од банкрот ја спасија меѓународните финансиски институции и се обврзаа на кредит од 240 милијарди евра. За возврат, Грција мора да води стриктна економска политика. Но Грците тешко ја поднесуваат оваа економска дијета. Речиси половината од грчкото население е без работа.
На веста за изборите реагираше и европскиот комесар за економија и финансии Пјер Московици изјавувајќи дека Грците уште еднаш ќе одлучуваат својата иднина. «Силна заложба за Европа и широка поддршка помеѓу грчките гласачи и политички лидери за неопходниот процес на реформи за раст на економијата ќе биде витален за Грција и нејзиниот просперитет», рече комесарот.
Европската комисија, исто како и берзата, не кријат дека стравуваат од победа на левицата на грчките избори.




