Грчките власти побараа од државите – членки на Европската унија да им позајмат авиони и хеликоптери за гаснење на пожарите, откако пожарникарите веќе трет ден се борат со огнената стихија северно од Атина.
Противпожарната служба наведе дека 60 пожарникари се испратени од Кипар за да и помогнат на Грција во гаснењето пожари.
Околу 400 грчки пожарникари и војници со поддршка на канадери и десетина противпожарни возила се обидуваат да го стават под контрола големиот пожар меѓу местата Варнавас и Каламос, околу 45 километри северно од Атина.
Засега никој не е повреден во пожарот, но најмалку 20 куќи се оштетени.
Во изминатите 24 часа низ цела Грција пријавени се 50 пожари од кои повеќето се изгаснати во рани фази, соопшти грчката противпожарна служба.
Денеска горат три големи пожари.
На островот Закинтос, каде во последните пет дена избувнаа 20 шумски пожари, работат 37 противпожарни возила со екипа од 134 членови, 30 пожарникари и еден противпожарен воздухоплов.
Шумскиот пожар што избувна во земјоделската област во префектурата Крионери го гаснат 20 противпожарни возила со екипа од 42 члена, 27 пожарникари и три противпожарни авиони.




