Началниците на генералштабовите на Грција и Северна Македонија ќе потпишат договор за надзор на воздушниот простор, што во овој момент е императив, бидејќи е во корист на нашиот национален интерес, изјави грчкиот министер за одбрана, Никос Панајотопулос во интервју за атинскиот весник „Катимерини“, пренесува МИА од Атина. Прашањата од овој договор во моментов се преговараат.
-Сметам дека вакво нешто е во интерес на нашата земја, бидејќи едноставно, ако не се случи тоа, ќе им се даде можност на други земји – на Турција, која има изразено интерес, но можеби и на Бугарија, која исто така изрази интерес, без воопшто да ги поседува неопходните средства. Според тоа, во овој момент е императив потпишувањето на air policing (надзор на воздушниот простор) на Скопје, бидејќи тоа е во корист на националниот интерес, вели Панајотопулос за грчкиот весник.
На 2 април годинава, при посетата на Скопје на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата Влада, меѓу потпишаните билатерални договори беше и оној меѓу министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и тогашниот министер за национална одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.
Тие потпишаа нов сеопфатен Договор за соработка во одбраната, 20 години по потпишувањето на првиот од овој тип, а во него се наведени областите на соработка од взаемен интерес – стратешкиот дијалог, одбранбената политика и доктрини, развој на одбранбените способности, одбранбеното планирање, логистиката, воената медицина, военото образование итн.




