Лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо синоќа изјави дека нема преговори меѓу опозицијата и власта на Венецуела во Осло, туку станува збор за посредување на Норвешка во обид да се реши кризата.

-Нема никакви преговори, рече Гуаидо на состанок во Каракас, додавајќи дека делегација на опозицијата во Осло е на разговори со норвешките посредници.

Во Норвешка вчера се одржа средба меѓу власта и опозицијата на Венецуела, со цел да се изнајде решение за кризата по неуспешниот бунт против претседателот Николас Мадуро.

– Да, се водат разговори меѓу владата и демократскиот дел на опозицијата…венецуелската Влада сака дијалог, истакна венецуелскиот амбасадор во ОН Хорхе Валеро, одговарајќи на новинарско прашање.

Валеро го осуди мешањето на САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зајакна санкциите против венецуелската влада и отворено застана зад опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател. Валеро го нарече Трамп воен злосторник.

– За жал, постои и опозиција која поттикнува на војна, терористичка и фашистичка…марионета на американското царство, истакна Валеро.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека не ги коментира можните улоги во потенцијалните мировни преговори или оние кои се во тек.

– Норвешка со голема загриженост ја следи ситуацијата во Венецуела. Силно ги охрабруваме страните да најдат политичко и мирно решение за да се избегне натамошна ескалација, соопшти портпаролката на норвешкото МНР.

Во меѓувреме, претседателот на Венецуела Николас Мадуро првпат се состана со претставници на меѓународната контакт група и разговараше со нив за последиците од санкциите, кои САД ги воведе против земјата. Тоа го соопшти Министерството за надворешни работи на Венецуела.

Според државната телевизија, на состанокот, исто така, се разговарало за можни преговори меѓу Владата и опозицијата, насочени кон решавање на политичката криза во Венецуела.

Меѓународната контакт група беше формирана на почетокот од 2019 година по иницијатива на ЕУ. Во нејзината работа учествуваат претставници на ЕУ и осум држави од блокот – Велика Британија, Германија, Шпанија, Италија, Холандија, Португалија, Франција и Шведска, како и четири земји од Латинска Америка – Боливија, Костарика, Уругвај и Еквадор. Првиот состанок на министерско ниво се одржа на 7 февруари во Монтевидео.