Пациентите досега можеа да го пушат или да го конзумираат како храна, а отсега канабисот во медицински цели ќе биде достапен и како гума за џвакање. Биотехнолошката компанија „Аксис“ минатата недела соопшти дека започнале клинички испитувања врз луѓе со нивниот нов производ – гуми за џвакање од марихуана како третман за болните од мултиплекс склероза. Гумите содржат 5 милиграми масло од медицинска марихуана.
-Медициниските гуми за џвакање од марихуана треба да овозможат предвидливо и контролирано ослободување на активните состојки, соопшти претседателот на компанијата Џорџ Анастасов, додавајќи дека „психоактивната компонента на TХЦ од канабисот е ефикасен начин за лекување на пациентите со дегенеративни болести“. Од компанијата најавуваат дека првично гумите се тестираат врз пациенти болни од мултиплекс склероза, но испитувањата ќе продолжат и врз други болести.
Марихуаната во медицински цели веќе на голема врата се промовира во многу од развиените држави во Европа, како и САД, Канада и Австралија.




