Обединетите нации денеска го осудија тековниот воен удар во Судан и повикаа на итно ослободување на вршителот на должноста премиер на земјата и другите членови на владата.
Во денешната порака на Твитер, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш истакна дека премиерот Абдала Хамдок и сите други официјални лица кои беа уапсени од суданските безбедносни сили рано утринава „мора веднаш да бидат ослободени“.

„Мора да има целосно почитување на уставната повелба за да се заштити тешко издејствуваната политичка транзиција“, напиша Гутереш, додавајќи дека „ОН ќе продолжат да бидат со народот на Судан“.

Претставникот на ОН во Судан Фолкер Пертес претходно го опиша апсењето на судански официјални лица како „неприфатливо“ и изрази загриженост поради извештајот за пучот, јави Би-Би-Си.

Вооружените сили го уапсија суданскиот премиер Абдала Хамдок, откако одби да го поддржи „пучот“, соопшти Министерството за информации во време на зголемени тензии меѓу воените и цивилните власти во земјата.

Од раните утрински часови пучот се одвиваше во неколку фази. Војниците го уапсија премиерот Абдала Хамдок, неговата сопруга, голем број негови министри и сите цивилни членови на Советот за суверенит, највисокото преодно тело.

Околу пладне војниците ја зазедоа државната телевизија и во етерот се појави шефот на армијата генерал Абдел Фатах ал Бурхан. Тој постојано повторуваше дека сè уште сака транзиција кон цивилна влада и избори во 2023 година, но сепак ги смени сите функционери. Тој ја распушти владата, дури и Советот на суверенитет, составен од половина цивилни и воени членови и прогласи вонредна состојба во земјата.

Набргу по најавата на началникот на војската, разни синдикати, групи активисти од бунтот во 2019 година и други продемократски движења едно по друго најавија дека се приклучуваат кон „граѓанската непослушност“ и „генерален штрајк“, повторувајќи го повикот од кабинетот на премиерот Хамдок за демонстрации против пучот. Премиерот е приведен и се наоѓа на засега непозната локација.

Судан е на работ на граѓанска војна по неуспешниот државен удар од минатиот месец, кој повторно ги започна обвинувањата меѓу војската и цивилните групи кои требаше да ја поделат власта по симнувањето од власт на поранешниот лидер Омар ал Башир во 2019 година, потсетува Дојче веле.

Башир беше симнат од власт и затворен по повеќемесечните улични протести, а политичката транзиција договорена по неговото симнување требаше да доведе до одржување на избори до крајот на 2023 година.

Во текот на месецов ескалираа тензиите, при што коалицијата на бунтовничките групи и политички партии се придружија на војската, а симпатизерите на војската организираа акција пред претседателската палата повикувајќи на распуштање на цивилната влада.

Истовремено, неколку министри во владата минатата недела учествуваа во големите протести организирани во неколку делови на Картум и во други градови против можното воено преземање на власта.