Новоименуваниот генерален секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изјави дека негов приоритет ќе биде завршување на граѓанската војна во Сирија.
-Сметам дека најважен приоритет на меѓународната заедница е тој судир да заврши, рече Гутереш во интервју за Би би си.
Тој истакна дека светот се соочува со опасен период, бидејќи дури и земјите кои се далеку од воените зони се соочуваат со тероризам.
Завршувањето на овој воен судир за Гутереш е „борба за вредности“ и според тоа сите светски лидери треба да се залагаат за тоа.
Сиријците, рече Гутереш, се жртви не само на сопствените проблеми, туку и на сите контрадикторности на денешниот свет.
Генералното собрание на ОН, во кое има 193 членови, вчера го изгласа бившиот португалски премиер за нов генерален секретар на ОН.
Државите членки на ОН усвоија резолуција со која Гутереш се именува за прв човек на светската организација во следните пет години, почнувајќи од 1.јануари 2017.
Гутереш (67) кој изминатите 10 години беше шеф на агенцијата на ОН за бегалци, ќе ја преземе фунјкцијата од Бан ки Мун кому на крајот од годинава му истекува вториот петгодишен мандат.




