Генералниот секретар на Обединети нациии, Антонио Гутереш изјави дека стравува оти ситуацијата во Сирија може да излезе од контрола.
– Изразив незадоволство вчера од информациите за употреба на хемиско оружје во Сирија. Јас исто така многу внимателно ја следам ситуацијата во Советот за безбедност на ОН и жалам што до сега не е постигната согласност за тоа прашање, посочи Гутереш.
Тој додаде дека разговарал со претставниците на петте постојани земји-членки на СБ за опасностите од сегашната ситуација.
– Ја потенцирав и неопходноста од се избегнува ситуацијата да излезе од контрола. Да не заборавиме, дека на крај нашите напори треба да бидат насочени кон прекин на страшните страдања на Сиријците, посочи Гутереш.
Претходно, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис изјави дека е подготвен да му достави на претседателот план за воена акција за Сирија.
– Се уште анализираме податоци на разузнавањето и на нашите сојузници, се уште работиме на тоа. Подготвени сме да обезбедиме воени опции, ако тоа е прифатливо за претседателот доколку се одлучи на таков чекор, изјави Матис.
Поранешниот американски претседател Џими Картер го предупреди актуелниот претседател Доналд Трамп дека треба да избегнува воени акции во Сирија или во другите светски жаришта, со цел по секоја цена да не се случи нуклеарен напад.
– Се молам дека ќе ја зачува нашата држава во мир и нема да претерува или да ги влошува предизвиците кои доаѓаат од Северна Кореја, Русија или Сирија. Се надевам дека тоа го сфаќа многу длабоко, како што јас и другите претседатели, дека секоја размена би можела да значи катастрофа за сите луѓе, изјави 93-годишниот Картет при промоцијата на неговата книга „Вера: Пат за сите“.
Тој додаде дека дури и мал воен напад е „опасна работа“, која може да излезе од контрола.




