Српскиот радикален националист, Воислав Шешељ е ослободен од сите девет точки од обвинението за злосторства против човештвото и за поттикнување етничко чистење во Хрватска, БиХ и Војводина од страна Хашкиот Трибунал. Одлуката беше изречена без негово присуство во судот.
Воислав Шешељ беше обвинет пред повеќе од десет години за поттикнување убиства и етнички прогон во неговите подбуцнувачки говори како лидер на Српската радикална партија.
Според обвинителите, Шешељ, кој за време на режимот на Слободан Милошевиќ беше заменик министер, покренал своја војска на волонтери кои ги индоктринирал со отровни идеи и ги испратил да вршат злосторства со цел создавање етнички чиста Голема Србија. Шешељ беше во притвор откако му се предаде на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија во 2003 година.
Србинот беше ослободен во ноември 2014 година, но, четири месеци подоцна судиите му наредија да се врати, оценувајќи дека тој ги прекршил условите за негово ослободување со тоа што им кажувал на неговите приврзаници дека никогаш нема да се врати во Хаг.
Тој на 10 март пред Специјалниот суд за воени злосторства во Белград ги запали знамињата на ЕУ и на НАТО.
„Браќа и сестри, јас нема да одам доброволно и ќе ја користам секоја можност, секој момент да му нанесам политичка и морална штета на Хашкиот трибунал“, изјави тогаш Шешељ.
Пред да ја изречат пресудата против него, судиите го ослободија од обврската да се врати во Хаг со образложение дека му е неопходен медицински третман кој ќе му биде недостапен таму.




