Предизборниот митинг на американскиот милијардер и потенцијален републикански претседателски кандидат Доналд Трамп синоќа во Вирџинија излезе од контрола кога обезбедувањето почнало да се пресметува со членови на движењето за права на афро-американците, кои го прекинувале митингот извикувајќи пароли против расизмот.
Во хаосот кој настанал откако обезбедувањето почнало да ги исфрла демонстрантите, настрадал и фоторепортерот на списанието Тајм, кој се обидел да го фотографира тоа, но бил зграпчен за врат и соборен од дел од американските безбедносни служби.
Демонстрантите, меѓу кои имало и членови на движењето „Животите на црнците се важни“ го попречувале митингот на денот кога милијардерот од Њујорк се бранеше од критиките дека во интервју за американската телевизиска мрежа Си-ен-ен не ја осудил јасно поддршката на Кју клакс клан.
Трамп прво се обидел на провокациите од демонстрантите да им одговара со контрапрашања во стилот: „Дали си од Мексико?“, но потоа им наредил на обезбедувачите ги отстранат. И дел од поддржувачите на Трамп во публиката им с енафрлиле на демонстрантите.
На крајот, Трамп се обидел да ја смири ситуацијата порачувајќи дека „сите животи се важни“, за што бил поздравен од публиката.
Движењето „Животите на црнците се важни“ се појави откако полицијата минатата година уби повеќе афро американци.
Митингот на Трамп се одржа во пресрет на денешниот т.н. супервторник, во кој демократите и републиканците во 12 држави во САД ги избираат кандидатите за партиската номинација за претседателските избори во САД.
Според анкетите, Трамп ќе ја зацврсти својата позиција како фаворит во републиканците.
Досега тој ги освои прелиминарните избори во три од четири сојузни држави, иако предложи привремена забрана за влез на муслимани во земјата, ги нарече мексиканските имигранти криминалци и ги навредуваше жените.




