Тирана: Опозициските пратеници се судрија со полицијата во албанскиот парламент денеска по неколкунеделните тензии околу обвинувањата за корупција против вицепремиерката Белинда Балуку и други функционери во владата на премиерот Еди Рама, објави Еуроњуз Албанија.
Пратениците запалија факели, фрлаа вода врз претседателот на парламентот и седнаа на местата резервирани за владини министри во обид да ја прекинат седницата пред полицијата да интервенира.
Не може да има парламент со оние што крадат и тепаат, рече Сали Бериша, лидер на опозициската Демократска партија. „Законот и само законот мора да преовлада “, рече тој.
Пратениците од опозицијата бараат да се види официјално обвинение за обвиненијата против вицепремиерката Белинда Балуку.
Специјалното обвинителство, задолжено за борба против корупцијата и организираниот криминал, побара од парламентот да го одобри апсењето на Балуку, а се очекува парламентот, каде што владејачката партија на Рама има мнозинство, да гласа за барањето утре, во петок.
Балуку, која беше и министерка за инфраструктура и енергетика и е најблизок сојузник на Рама во кабинетот, се тврди дека била вклучена во коруптивни практики насочени кон фаворизирање на компании одговорни за големи инфраструктурни проекти, вклучувајќи тунел и кружниот пат во главниот град Тирана.
Во говорот пред парламентот минатиот месец, таа ги нарече обвинувањата „клевета, инсинуации, полувистини и лаги“ и рече дека целосно ќе соработува со судството.

