Косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека во 2019 година ќе се постигне конечен Договор меѓу Белград и Приштина.
„2018 беше година на косовската војска, а годината која започнува ќе биде година на отворање на границата меѓу Косово и Албанија и постигнување на конечен Договор меѓу Косово и Србија“ напиша Тачи на Фејсбук.
Во колумна што ја објави на веб – сајтот на Радио Телевизија Косово, Тачи пишува дека “нема време за губење во постигнување на одржлив и траен мир кој ќе биде постигнат преку спогодба за односите со Србија.
Политичките лидери на Косово во 2019 се подготвени да направат тешки одлуки кои ќе бидат во интерес на Косово и во интерес на мирот на Балканот“ пишува Тачи и додава дека очекува договорот со Србија да се постигне во блиска иднина.
„Мислам дека сега е најдобриот момент за да се постигне одржлив и траен мир”, напиша Тачи, и напомена дека политичките околности во Косово и Србија обезбедуваат да се постигне таков договор.
Во интервју за порталот Еспресо, српскиот претседател Александар Вучиќ зборувајќи за Косово кажа дека на Србија и се врзани рацете за Косово.
„Кога ќе го наследите Косово со прогласена независност во 2008, кога ќе наследите пресуда од Меѓународниот суд на правдата која е апсолутно неповолна за нас ..е тогаш рацете ви се врзани, а вие морате да останете во рингот и тоа не 3 минути, туку 12 рунди по три минути “ рече Вучиќ во новогодишното интервју.