Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, им се обрати на своите колеги за време на денешниот состанок на земјите-членки на НАТО.
Европските лидери испраќаат јасна порака до Русија дека сега е време да се стави крај на војната во Украина. Ако оваа војна не заврши, ако нема пат кон мир на краток рок, тогаш Соединетите Американски Држави, заедно со нашите сојузници, ќе преземат потребни чекори за да ѝ наметнат цена на Русија за нејзината континуирана агресија, рече Хегсет на состанок во Брисел.
Ако мора да го направиме овој чекор, Министерството за одбрана на САД е подготвено да го направи својот дел на начини на кои што само Соединетите Американски Држави можат, објави тој.
Тој истакна дека САД го гледаат смртоносниот и способен НАТО под водство на Европа и украинската армија способна да се одбрани како најефикасно средство за одвраќање од руската агресија.
Под цврстото водство на претседателот Трамп, а особено со нашите европски сојузници, ќе ја завршиме војната во Украина. Војната мора да заврши, рече тој.
Хегсет ги повика сојузниците да ги зголемат инвестициите во програмата „Приоритетна листа на барања за Украина“ (PURL), која ги замени донациите за оружје од САД за Украина и бара од сојузниците да плаќаат за испораките на оружје од САД.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потврди дека две милијарди долари веќе се ветени преку тој механизам, но ова е помалку од 3,5 милијарди долари што украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе ги обезбеди до октомври.
Шведска, Естонија и Финска во средата ветија дека ќе придонесат, но земјите како Шпанија, Италија, Франција и Велика Британија се соочија со критики за воздржување. Украина останува во голема мера зависна од американското оружје додека се подготвува за уште една зима на конфликт со Русија.
Килскиот институт за светска економија денес објави дека воената помош за Украина се намалила за 43 проценти во јули и август во споредба со првата половина од годината.