Плеј-офот за титула во хокеарскиот шампионат на Норвешка го даде најдолгиот меч во историјата на овој спорт. Пресметката на мраз што ќе остане забележана во аналите ја одиграа Сторхамар драгонс и Сарпсборг. Почна вчера попладне во 18 часот, траеше до ноќеска по 02,30 по полноќ и заврши благодарение на погодокот на Јоаким Јенсен за победа на домашната екипа со 2:1.
Ефективно се играше 217 минути и 14 секунди, а победникот беше одлучен по дури осум продолженија. Сторхамар сега води со 3:2 во четвртфиналната серија до четири победи.
Најдолгиот хокеарски натпревар во американската НХЛ лига е одигран во далечната 1936 година. Во него, Детриот Ред Вингс го победи Монтреал Марунс со 1:0 во финалето во „Стенли купот“ по 176 минути и шест продолженија.