Невладината организација Хјуман Рајтс Воч денеска обвини нигериски функционери за сексуално искористување на жени и девојчиња кои живеат во камповите за жртви на екстремистичката група Боко Харам на североистокот на земјата.
Организацијата соопшти дека во јули документирала 43 случаи на жени и девојчиња во седум кампови за внатрешно раселени лица во Мајдугури, епицентар на седумгодишниот исламистички бунт, кои биле злоставувани од раководителите на тој камп, членови на волонтерските организации за борба против злосторство, полицајци и војници.
-Доволно лошо е што овие жени и девојки не ја добиваат неопходната поддршка за страшните трауми кои ги претрпеле во рацете на Боко Харам, изјави Мауси Сегун, виш истражител на Организацијата за Нигерија.
Тој додаде дека е „срамно и скандалозно дека луѓето кои требало да ги штитат, ги напаѓале и сексуално ги злоставувале“.
Владините претставници засега не ги коментираат обвинувањата.
Четири од жртвите изјавиле дека биле дрогирани и силувани, додека 37 биле присилени на секс со лажни ветувања за брак и материјална финансиска помош.
-Многу од оние кои биле присилени на секс изјавиле дека биле оставени кога биле бремени. Тие и нивните деца трпеле дискриминација, злоставување и биле стигматизирани од останатите во кампот, истакнува Хјуман Рајтс Воч.
Организацијата тврди дека нередовното снабдување со храна, облека, лекови и други неопходни средства во кампот, ги прават жените подложни на злоставување и искористување.
-Во некои случаи, мажите ја искористиле својата положа во власта и на жените им ја давале неопходната храна во замена за секс, се заклучува во соопштението.
Екстремистичката група Боко Харам го опустоши североистокот на Нигерија со цел да основаат исламисточка држава, притоа убивајќи околу 20.000 луѓе и присилувајќи околу 2,6 милиони да ги напуштат своите домови.




