Хрватската телевизија Н1 вчера објави снимка како претседателката Колинда Грабар Китаровиќ го користи мобилниот телефон зад параванот додека гласа, на која се гледа како таа го слика гласачкото ливче.
Тоа беше протолкувано како кршење на изборните правила, посебно бидејќи се работи за претседател на државата.
Иако во ниту еден закон, правилник или упатство нема стриктна забрана за користење мобилни телефони на гласачките места, претседателот на Државната изборна комисија на Хрватска Бранко Хрватин претходно препорача тие да не се користа.
Портпаролот на претседателката Грабар Китаровиќ изјави дека таа не направила никаква противзаконска активност, при што ја критикуваше телевизијата која, како што рече, при снимањето на ова наводно прекршување, снимила половина од гласачкото ливче со што ја нарушила тајноста на гласањето.




