Хрватскиот министер за одбрана Дамир Крстичевиќ поднесе оставка, откако претседателката Колинда Грабар Китаровиќ, која е врховен командант на Армијата денеска од Салцбург, каде е на средба со претседателите на Словенија и Австрија изјави дека војската можела и порано да помогне во гаснењето на катастрофалниот пожар кај Сплит и дека треба да се спроведе истрага за тоа како избил пожарот и како се проширил.
Крстичевиќ од теренот порача пак дека војската не само што прва помогнала, туку и прва дошла на теренот, но според правилата, Армијата реагира кога ќе биде повикана.
На подрачјето на Сплит во моментов гори на 15 локации. Голем дел од пожарите според надлежните се под контрола, но огнот што се уште е активен во Жрновница, Пострана до Срињин го гаснат 500 пожарникари, со помош од воздух. Од претпладнево повторно е активен пожарот кај Тугари, кого го гаснат воздухопловните и копнените сили.
Најкритично е кај Дубрава, каде канадерите исфрлаат водени „бомби“. Кај Срњин претпладнево пожарот се доближил на 20 метри од куќите, но пожарникарите со помош на жителите успеале да спречат негово ширење.
Пожарите на периферијата на вториот по големина град во Хрватска Сплит беснеат веќе 24 часа. Ноќеска жителите на Подстрана со жив ѕид со помош на поќарникарите и навивачите на фудбалскиот клуб Хајдук, Торцида спречија огнот да ги зафати куќите.
Чад се издига и над сплитската населба Солин.





