Росана Стојановиќ самохраната мајка на две деца, не е сама. Откако НОВА ја објави приказната за дваесет и петгодишна самохрана мајка на две деца која е во седмиот месец од бременоста, помош почна да пристигнува од сите страни . Росана времено е сместена кај нејзиниот татко во Охрид, откако сопругот со кој живееле во Прилеп, починал пред три месеци. Организирани преку социјалните мрежи и здружението „Една може“, многу хумани жени и мајки собираат облека и финансиски средства за оваа млада жена која ниту има каде, ниту од што да живее.
Група Македонци во Лондон по иницијатива на Марија Соколоска, по емисијата ПРОЦЕС на НОВА направија хуманитарна акција за помош на Росана. Тие донираа облека за децата, играчки, училишен прибор, парични средства и се што е потребно за бебето кое наскоро треба да се роди.
„Парите се денес испратени, а наскоро по карго ќе ја испратиме и хуманитарната помош. Им благодарам на сите кои се донираа и се уште донираат“, изјави Соколоска, која живее и работи во Лондон. Интерес за донирање има и од Шведска, Германија, Нов Зеланд и од други држави. Акцијата предводена од „Една може“ и Дороти Пачкова, продолжува и за други самохрани мајки на кои им е неопходна помош.
На Росана Стојановиќ и е потребен дом, облека, храна за децата и финансиска помош.
Таа не работи, наскоро ќе породи, а не прима ниту социјална помош. Досега не ја посетил социјален работник, а ниту една од институциите не се огласи за помош на младата мајка.