„Очекувано, нè изиграа за Северна Македонија. Предупредивме точно како ќе се случи и тоа точка по точка, но домашните yesmeni (подлизурковци- Господата
Да, да, да) и политички безрбетници во владата, парламентот и претседателството охрабрени и уплашени од странски функционери, нашите планктони кои јадат грантови од Европа попуштија. Им честитам на политичарите и државниците од Скопје, колку и да е тажно за Бугарија“, напиша во колумната за „Труд“, д-р. Борислав Цеков од Центарот за нова Европа.

Ова е логична реакција по секој договор кој ќе произлезе од некое успешно дипломатско преговарање, бидејќи ниту едно успешно дипломатско преговарање не може да е победа на едните и пораз на другите. Авторот, како и многу Бугари, смета дека во билатералното надмудрување меѓу Скопје и Софија, како победник излегол Скопје. Неговите истомисленици од Скопје, исто така, излегоа пред Владата за да кажат дека не го прифаќаат тн. француски предлог!

Ова асоцира на реакцијата на грчките и на македонските националисти по потпишувањето на Договорот од Преспа во 2018 година. Интересно е да се напомене дека и во Бугарија, како и во Македонија, најзначајните проевропски невладини организации, афирмирани експерти, поранешни функционери, исто така, изнаоѓаат најразлични изговори против францускиот предлог.

Нашите значајни интелектуалци, политичари велат „дека во францускиот предлог македонскиот јазик и идентитетот не биле признати“, а „историјата ќе била главниот изговор за идните бугарски вета“.

Од своја страна, незадоволните Бугари истакнуваат дека „бугарската кауза била предадена, продадена и изгубена. „Македонската историја“ и „македонскиот јазик“ биле издигнати како европски норми, легитимизирани, испечатени со печатот на вистината на европската интеграција.

„Иако си правевме бајрам на умот дека ЕУ ќе пресече дека Св. Климент Охридски, Цар Самуил, Браќа Миладиновци или Гоце Делчев се Бугари, Скопје доби признание од Европа и Брисел дека се Македонци. Нашите историски вистини, факти и документи за Брисел и Париз не се релевантни. Едноставно Европа не ги разбира и не сака да ги разбира. Таа не ги разбира, бидејќи не се однесуваат на Алзас, Лорен, валонскиот јазик или Каталонија, туку затоа што ние, како Бугарија, сме втора класа која не треба да го нарушува бриселското задоволство на „горната европска класа“, истакнуваат бугарските аналитичари.

Сомнителна деонтологијата на домашните интелектуалци

Позицијата на еврократите кон македонската влада во однос на францускиот предлог е јасна: „Земи или остави“ исто како бестселерот на Кендл Рајан или хитовите на „Синиот оркестар“, на Никола Роквиќ или Дара Бубамара. Трето не постои. Земаш, односно го прифаќаш понудениот предлог и заминуваш кон ЕУ или одбиваш и остануваш таму каде што си сега. Тоа е персонификација на историски крстопат, момент кога треба да се избере, дали ќе се оди понатаму во европските интеграции или ќе останеме да им правиме друштво на Косово и на Босна и Херцеговина. Ја почувствувавме таа колебливост со Грција и изгубивме децении во евро-атланските интеграции. За жал сфативме дека „времето не работело за нас“. Така е и сега, нема време за чекање.

Во развојот на европската идеја потребна е храброст. Токму интелектуалците беа оние кои ја туркаа тешката европска танталова запрега и се соочуваа со бројни пречки. Од првите антички заговореници на идејата, потоа до Волтер, Монтеские, Лајбниц, Бентам, подоцна преку Прудон, Куденов-Калерги, сè до Черчил, Спак, де Гаспери, Шуман, Аденауер, Жан Моне, Делор и останатите, јасна беше визијата на интелектуалците и на политичарите: тоа беше постојано прогресирање на европската идеја наспроти партикуларизмите. Притоа, независно од евроскептиците, тие храбро ги афирмираа визиите и аргументите за идната европска конструкција, во името на повисоките цели.

Интелектуалецот треба да е во функција на политичкиот „полис“, во интерес на граѓаните како „специфичен интелектуалец“ како што пишуваат Делез и Фуко. Интелектуалецот, критикува, аргументира и нуди алтернативи. За разлика од тоа, голем број на домашни експерти кои навистина поседуваат ексклузивни езотерични познавања на механизмите на ЕУ само критикуваа без да предложат решенија. Ова се случува во еден исклучиво емотивен момент за нашиот народ, кога се неопходни студени глави и рационализам, а не лажни вести и лични суети или толкувања.

Секако постои и можноста за аргументиран настап, но оној интелектуалец што поседува интелектуална деонтологија е должен да предложи решенија, алтернативи на истиот начин како што ја оспорува Преговарачката рамка. Свесни сме дека ЕУ направи големи неправди кон државите на Западен Балкан и посебно кон нашата држава, што доведе до афирмација на евроскептицизмот. Меѓутоа, во таквите напнати моменти најлесно е во расправите да се користи реториката на Шопенхауер и неговиот водич од 36 принципи во кои ја изложува „уметноста како секогаш да сте во право“. Интелектуалците се слободни во размислувањата, но и одговорни и пред сопствената совест, и пред историјата.

Да претпоставиме, под притисок на толпите, владата да го одбие францускио предлог. Дали некој ќе ја земе на одговорност таквата одлука? – Истата дилема и разочараност ја искажуваат и загрижените бугарски интелектуалци. Борис Цеков резигнирано констатира „до сега Бугарија во свои раце го држеше потписот и печатот за членство на Македонија. Со усвојувањето на францускиот предлог изгласан од Националното собрание, потписот и печатот му ги дадовме на Брисел. Дали во иднина во преговорите за членство на Северна Македонија бугарскиот интерес ќе го штити Брисел? – Или и тогаш ќе има размислувања дека треба да се брза и Бугарите да не се мешаат?“

Причините поради кои треба да го прифатиме францускиот предлог

Во историјата на секоја држава, постојат клучни датуми, историски моменти и
пресвртници кои влијаат врз иднината и развојот на општеството и кои идните генерации ќе ги споменуваат како решавачки во изградбата и афирмацијата на
државата. Постојат државници, големи и храбри визионери и интелектуалци кои ги водат таквите процеси, но постојат и такви кои отворено се спротиставуваат на прогресот, цврсто убедени во своите емотивни ставови, политички пресметки и цели, заробени менталитети кои користат популистички, методи и лажни вести за да го оневозможат текот на историјата.

Таков е случајот и со првите реални чекори на Северна Македонија во Европската унија околу поддршката на Преговарачката рамка што ја понуди француското претседателство по долготрајниот дипломатски преговарачки процес меѓу Скопје и Софија со посредство на Франција и ЕУ. Самиот факт што и дел од бугарската и од македонската страна не се задоволни, сведочи за успешноста на изнајдената солуција.

Во дипломатските преговори нема солуција „win-win”, ниту „lost lost“, туку
само „win–lost”, односно секогаш ќе се најдат такви кои ќе ја критикуваат најдената солуција, без да ја проценуваат реалната состојба и да сфатат дека и од другата страна постои преговарач кој патем е членка на ЕУ. Впрочем, Макрон и самиот истакна дека „од овој предлог нема да бидат задоволни ниту националистите во Бугарија, ниту националистите во Северна Македонија.

Според тоа од бројните причини за поддршка на францускиот предлог би ги издвоил следниве:

Прво – по 17 години чекање, новата раководна политичка гарнитура, независно од разните политички калкулации и „мудрувања“ на бројни политичари и експерти, поддржана од Европскиот совет најде енергија, храброст и мудрост да го надмине спорот со источниот сосед.

Второ – Пред десетина дена овој спор се чинеше непремостлив, бидејќи делумно завираше во нашиот идентитет и историја. Овојпат овие прашања беа решени, бидејќи не влегоа во Преговарачката рамка.

Трето – Со формулацијата „македонски јазик“, како централен дел на секој идентитет признат од 25 членки на ЕУ како официјален јазик на С. Македонија и дел на ЕУ, надминато е едно од најчувствителните прашања што ги оптоваруваа односите помеѓу Скопје и Софија.

Четврто – Историјата за која се потрошија толку многу емоции и енергија не најде место во Преговарачката рамка. Останува комисиите и натаму да работат, но недоразбирањата не можат да бидат изговор за употреба на вето од Софија.

Петто – Напредокот на Северна Македонија кон ЕУ по скринингот ќе зависи од внесувањето на Бугарите, на Хрватите и на Црногорците во Уставот. На тој начин, со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот, паѓа и тезата дека Македонците се Бугари, бидејќи не можат во иста држава да живеат и малцинство и народ од иста провиненција.

Шесто – Акциониот план за малцинствата е една приказна, така што во
услови на евентуален притисок на Бугарија за употреба на вето, Европската комисија ќе одговори дека „не постои основа за тоа“.

Седмо – Сите елементи кои значат почеток на преговорите со една земја-кандидат за ЕУ ќе бидат вклучени во првата меѓувладина конференција, до безусловно и автоматско одржување на втората меѓувладина конференција, без шанси за Софија да го блокира процесот.

Осмо – Ирационално е стравувањето дека ќе се манифестира цензура за следење на говорот на омраза. Без да се прави митологија од тој чин, единствено МНР на двете држави ќе контактираат и ќе ги следат таквите инциденти, а за овој вид на дела ќе бидат одговорни институциите како за секој друг вид говор на омраза.

Деветто – Подигнување на дел од ирационалните барања на Бугарија на ниво на ЕУ само ќе го олесни разрешувањето на овој вид на недоразбирања. Патем да не заборавиме дека во дипломатското преговарање никогаш не постои апсолутен победник и апсолутен губитник, туку компромис каде двете страни се чувствуваат победници, но не и целосно задоволни.

Десетто – Медиумите во Франција беа изненадени од еуфоријата која беше создадена во Македонија од „работниот текст“ кој беше објавен во медиумите и толкуван како „голем пораз“, „неприфатлив текст“, „бугаризација“, „предавство“. Впрочем францускиот предлог ги содржи сите барања на македонската страна.

Владината тројка Ковачевски-Османи-Маричиќ, поддржани од Пендаровски, ги
истакнаа црвените линии и со сегашниот „француски предлог“ можеме да бидеме целосно задоволни и да ѝ оддадеме омаж на македонската дипломатија и сите оние кои ја извојуваа оваа тешка битка. Затоа, без многу развивање на негативна енергија, сопствени пресметувања и филозофии, без суети и емоции да се ослободиме од баластот на балканските менталитети, од лажните вести и манипулации и да ја поддржиме Северна Македонија на патот кон членството во Европската Унија.

Постои и друго сценарио, да не се поддржи предлогот на ЕУ и да се откажеме, но што тогаш нѝ останува? – Дали постои друг избор? – На ова прашање треба да одговорат организаторите на протестите пред македонските институции.

Пишува: Нано Ружин