Поранешната еврокомесарка Нели Крос, која сега работи како советник во Банка на Америка и Убер не пријавила дека била на чело на офшор компанија на Бахамите додека беше една од најмоќните луѓе во Брисел.
Вчера беа објавени досега непознати документи според кои Крос била ангажирана од компанија основана во Обединетите Арапски Емирати, чија цел била да дојде до меѓународните средства на енергетската компанија Енрон, за договор вреден 7 милијарди долари.
Документите за Крос се дел од околу 1.3 милиони фајлови кои протекоа од регистерот на Бахамите, кои открија имиња на директори и акционери во приближно 176.000 вакви компании и фондации сместени во карипскиот даночен рај.
Документите стасале до германскиот весник Зидојче Цајтунг, кој стоеше и зад објавувањето на Документите од Панама, а Меѓународниот конзорциум на истражувачки новиари во Вашингтон ги објави во јавност он лајн.
Крос беше комесар во ЕУ во два мандата од 2004 до 2014 година, првично како надлежна за директоратот за конкурентост, а потоа и за дигиталната агенда.
Во кодексот за однесување на комесарите има одредба според која тие не смеат да работат надвор додека ја извршуваат функцијата, која вели: “Комесарите не смеат да бидат ангажирани во која било друга професионална дејност, без разлика дали добиваат надоместок или не”.
Скандалот со Крос се случува истовремено со оној поврзан со поранешниот прв човек на ЕК Жозе Мануел Баросо кој доби функција во банката Голдман Сакс, која се смета за делумно одговорна за економската криза во Европа.




