Мнозинството на трговци ги затвори своите локали и побегна од украинскиот град Миколаев, но цвеќарката Ангела Калисник и натаму продава лалиња и ружи недалеку од бојното поле.

„Иако е војна, цвеќето продолжува да цвета во нашата покраина и не сакаме да го фрлиме“, вели 25-годишната Калисник.

Иако снегот паѓа на напуштените широки улици и само неколкумина излегоа на ниските температури додека надвор од градот се водат борби меѓу украинските сили и руските војници, сепак, во внатрешноста на цвеќарницата на Калисник се наредени шарени букети по полиците, а има и купувачи.

„Војната е војна, меѓутоа луѓето продолжуваат да живеат, да слават родендени. Мораме да ги разведриме луѓето и да ја одржуваме економијата“, вели Калисник која услужи човек кој понесе голем букет за роденденот на неговата мајка додека се правеше репортажата за Миколаев.

„Пред неколку денови намина човек да купи цвеќе за жена која го пронашла неговиот паричник и му го вратила. Навратија и војници да купат цвеќе за нивните девојки и жени за 8 март“, додава Калисник и нагласи оти ја затворила цвеќарницата по една недела од руските напади на 24 февруари, но решила повторно да ја отвори.

Нема цвеќе за Русите

Во близина на цвеќарницата, десетина луѓе стојат во ред за банкомат. Некои од нив чекаат и по два часа.

„Не разбирам. Пред два дена се беше нормално. Но, сега може да повлечеме само 400 гривни (околу 800 денари) одеднаш“, коментира револтирано Виталиј кокј мора по неколку пати да застане во ред за да ја извади посакуваната сума на пари.

Русите неколку денови го бомбардираа Миколаев, кој се наоѓа на 130 километри од стратешки важниот пристаништен град Одеса на брегот на Црното Море.

„Но, Украинците успеаја да ги одбијат нападите“, изјави покраинскиот гувернер, Виталиј Ким и додаде дека „Украинците победуваат“.

„Не очекуваа таков отпор, мислеа дека ќе ги дочекаме со цвеќе“, вели тој.