Бомбашот самоубиец кој вчера се разнесе во центарот на Истанбул при што уби 10 и рани 15 странски туристи е идентификуван како Набил Фадли (28), Сириец роден во Саудиска Арабија, соопштија денеска турските власти.
Според турските медиуми, тој бил припадник на Исламската држава кој неодамна се инфилтрирал во Турција.
Весникот Сабах наведува дека бомбашот во Турција дошол на 5 јануари годинава како бегалец од Сирија. Турската служба за миграција ги поседува отпечатоците од прсти, што помогнале за негова брза идентификација.
Низ цела Турција во текот на вчерашниот ден и денеска приведени се 68 луѓе под сомнение дека се припадници на ИД, иако не сите се доведуваат во врска со вчерашниот терористички напад.
Ова е четврти напад на милитантите на Исламската држава во Турција за изминатите седум месеци, по експлозијата на бомба на собирот на Народната демократска партија во Дијарбакир во јуни лани, по што следуваше нападот на собирот на социјалистите во јули, кога загинаа 33 активисти, како и нападот во Анкара во октомври во кој загинаа најмалу 100 луѓе.
Сепак вчерашниот напад во Истанбул е прв од страна на Исламската држава врз странски туристи.




