Долгогодишната оперативка и актуелна заменичка директорка на ЦИА, Џина Хаспел на која Сенатот треба да и ја потврди номинацијата за прв човек на ЦИА, вчера на сослушувањето во Сенатото изјави дека не би спровела наредба од претседателот Трамп доколку смета дека таа значи неморален чин, дури и ако технички е легален.

Таа негативно одговорила на прашањето на демократот од Вирџинија Марк Варнер, дали би спровела одлука на претседателот Доналд Трамп, за која смета дека е морално спорна.

Таа вети дека нема да ја обнови програмата за испрашување позната како симулирано давење, иако Трамп рекол дека ги поддржува острите методи на испрашување, што е потенцијална пречка за нејзина потврда за раководителка на агенцијата.

-Можам да ви ја понудам мојата лична заложба, јасно и без резерва, дека под мое раководство, ЦИА нема да ја обнови програмата за притвор и испрашување. ЦИА научи вредни лекции од тоа искуство. Од нас беше побарано да спроведеме мисија која е надвор од нашата експертиза. За мене, не постои подобар пример за спроведување на научените лекции од она што агенцијата го научи од таа програма, рече Хаспел.

Хаспел беше повикана да сведочи пред Комисијата за разузнавање на Сенатот поради нејзината улога во спроведувањето на програмата за испрашување.

Во 2002 година, Хаспел накратко го надгледувала тајниот затвор на ЦИА во Тајланд, каде што затворениците биле изложени на симулирано давење со вода и други техники на испрашување кои често се споредувани со тортура.

ЦИА во неколку наврати тврдеше дека акциите на Хаспел биле легални и ја бранеа нејзината улога.