Од 14 до 16.ноември ќе се одржи четвртиот Меѓународен фестивал за лица со и без хендикеп организиран од здружението на граѓани за промоција и развој на регионите „Свет на различни а еднакви“ од Скопје.

Ова е единствен фестивал од ваков вид на Балканот и е тридневен настан проследен со другарување и размена на искуства.

На фестивалот ќе учествуваат аматерски актерски групи од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и други.

Во вторник и среда, на 14 и 15.ноември, фестивалот ќе се одржи во Драмски театар Скопје и претставите ќе бидат од натпреварувачки карактер.

Во четврток, 16.ноември, во Македонски народен театар Скопје во ревијалниот дел ќе бидат свечено доделени награди.

На 14.ноември преставите започнуваат во 11.00 часот и завршуваат во 15.00 часот, а на 15.ноември програмата ќе започне во 10.30 часот и ќе заврши во 14.30 часот. Ревијалниот дел и свеченото доделување на наградите во МНТ на 16.ноември ќе започне во 12.00 часот.

Овие активности имаат за цел да ја зголемат инклузијата на лицата со инвалидност со други лица во културни активности, тие да ја имаат можноста полесно и активно да се вклучат во општеството и заедницата, да им се отворат портите за креативно изразување, да се негува нивниот потенцијал и да се унапреди нивниот квалитет на живот.